Атлетико Мадрид и Барселона ги поделија бодовите (1-1) во дербито од 13-тото коло во Ла Лига. Коста и Дембеле погодија во последните 15 минути од средбата, откако во поголемиот дел од дербито немаше поголеми возбудувања.
Во 70-тата минута настана конфликт меѓу Диего Коста и Самуел Умтити, по што останатите дотрчаа да ги разделат двајцата играчи. Еден од нив беше и Антоан Гриезман, кој прво посегна да го тргне и смири Умтити, а за тоа му замери Коста, па камерите ја „фатија“ ситуацијата во која му вели: „Јас сум твој соиграч, не Умтити!“.
Донекаде и јасно е зошто Гриезман прво се обиде да го раздели Умтити. Тие двајца се колеги во француската репрезентација и добри пријатели, но при оваа пресметка тие се ривали.
Шест минути подоцна, Коста го постигна водечкиот гол за „јорганџиите“, па Гриезман дотрча кај него во прегратка.