Севилја и Барселона за пет дена играат две „финалиња“ од кои може да им зависи сезоната

Севилја е во налет, на 12-ти јануари го претрпе последниот пораз од шпански противник, а на 10-ти февруари ја надигра Барселона во Купот со 2-0, па андалузијците имаат право да бидат оптимисти пред денешниот меч против каталонците во првенството. Ако Севилја победи, ќе избие пред Барселона на табелата, и тоа со еден меч помалку.

Севилја има 7 бода помалку од лидерот Атлетико со ист број натпревари, и иако никој не го спомнува тимот на Хулен Лопетеги како кандидат за титулата, тие од втор план се многу опасни и ги загрозуваат фаворитите.

За Севилја и Барселона денешниот меч на „Рамон Санчес Пичуан“ се најавува како прво од двете „финалиња“, затоа што овие два тима ќе се сретнат меѓусебе и в среда на „Камп ноу“ во реванш дуелот од Купот. Ако некој тим загуби денеска, а биде и елиминиран од Купот, тоа ќе значи крај на надежите дека може да се освои трофеј на домашна сцена. Така и на тренерот на губитничкиот тим нема да му биде лесно да ги истрпи критиките и притисокот, особено ако е Роналд Куман.

Лукас Окампос нема да игра за Севилја и тој хендикеп ќе треба да го надоместат со борбеност и ефикасност како во купот, кога Иван Ракитиќ покажа дека Барса не требаше толку лесно да се откаже од него.

Барселона сезонава не игра добро против силните ривали, а и Куман како тренер никогаш не ја победил Севилја. Од друга страна, Лопетеги против Куман има само една победа во осум соочувања како играчи и тренери. Севилја е омилената жртва на Лионел Меси (37 гола на 41 меч), но Барселона на последните две гостувања во Севилја, не успеа да даде гол.

- Оглас -

Најнови вести