Проклетството на Варан: Шест порази и реми во последните седум меча

Не е чудно што Реал Мадрид сезонава реди лоши резултати и притоа прима многу голови. Еден од клучните дефанзивци, Рафаел Варан, сезонава игра очајно, како што покажува статистиката.

Имено, Реал нема победено на последните седум меча кога Варан бил во стартните 11, со него во одбрана имаат учинок од шест порази и едно реми. Од вкупно 13-те настапи на Французинот во сите натпреварувања, „кралевите“ дозволиле дури 18 погодоци во својата мрежа. Последниот меч во Ла Лига, Реал го загуби со 3-0 против Еибар, а Варан беше човекот кој требаше да ги спречи сите закани кон голот на Куртуа. Тој меч беше прв настап на Варан под водство на Сантијаго Солари, кој во претходните средби често ја ротираше поставата.

Кога дефанзивецот не е во составот поради повреда или е на клупа, Реал Мадрид на осум меча има примено само осум погодоци, од кои пет се во поразот од 5-1 против Барселона.

Оваа низа на очајни настапи започна уште во мечот од европскиот Суперкуп против градскиот ривал Атлетико. На тој меч, на Диего Коста му беа потребни 60 секунди да ја затресе мрежата на континенталниот владетел, а средбата подоцна Реал ја загуби со 4-2 по продолженијата.

Варан игра лошо и за француската репрезентација. По освојувањето на Мундијалот, Французинот настапи на три од вкупно четири меча кои ги играа „триколорите“, а на нив бележи учинок од еден триумф, едно реми и еден пораз.

Вечерва Реал гостува кај Рома, во меч од рамките на петтото коло во групната фаза од ЛШ. Солари нема многу избор, покрај Рамос во централната одбранбена линија ќе биде Варан, па дефанзивецот ќе мора да ги оправда неговите квалитети.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести