Шпанската јавност е изненадена од изборот на селекторот Луис Енрике, за претстојните мечеви на Црвената фурија од квалификциите за СП 2022 против Грција, Грузија и Косово.
Енрике реши на листата да ги изостави Кепа Аризабалага, Хезус Навас, Регилон, Начо, Асенсио, Саул, Адама Траоре, Родриго Морено, Ињаки Вилијамс, а според многумина, најголемо изненадување е повикот за голманот Роберт Санчес.
Санчес брани за Брајтон, па Луис Енрике го повика како трети голман, заедно со Давид Де Геа и Унаи Симон. Повик во сениорскиот тим добија младите Педри и Брајан Хил, изненадување е и Педро Поро. Но, „бомбата“ е 23-годишниот чувар на мрежата на Брајтон, кој не е толку познат во својата родна земја. Бил член на Леванте како 16-годишен и потоа се преселил во Англија, и веќе осма година е во Брајтон. Мали се шансите да добие шанса пред Де Геа, но и самиот повик во националниот тим покажува дека можеби за него летово ќе има место и на ЕП.