МЗТ Скопје објави дека репрезентативецот Дамјан Стојановски е позитивен на корона-вирус и од клубот бараат да се одложи утрешниот дерби меч со Пелистер.
И тренерот Дарко Радуловиќ почуствувал симпотими на Ковид-19, но не е позитивен, а уште двајца кошаркари имата здравствени проблеми, па според аеродромци логично и фер би било мечот да се игра во некој друг термин.
„Лошиот период во нашиот тим продолжува со веста која нѐ растревожи утринава дека позитивен на коронавирусот е и нашиот капитен, Дамјан Стојановски. И тој, како тренерот Дарко Радуловиќ, почувствува благи симптоми по средбата со Академија ФМП, по што веднаш замина во домашна изолација и се тестираше. Дека ова е сериозен проблем за нашиот тим, но и за сите наши претходни и идни противници, потврдува и фактот што уште двајца наши кошаркари чувствуваат благи здравствени проблеми, поради што и на нив им е закажано тестирање на Ковид-19.
Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром со дозвола од нашиот противник Пелистер, побара одложување на утрешниот дерби-натпревар, со цел да се спречи понатамошното ширење на вирусот, како во нашиот тим, така и во битолскиот состав, кому сме му благодарни што веднаш излезе во пресрет. Здравјето на кошаркарите и на двете екипи е во првенствен интерес за управите на двата тима, поради што се надеваме дека и интенцијата на КФМ ќе биде заштита на играчите, меѓу кои има и многу репрезентативци.
А, на нашиот капитен Дамјан му посакуваме лесно да го мине периодот во изолација, без никакви проблеми и да ја „нокаутира“ болеста со серија тројки и два-три атрактивни влеза, нешто што е заштитен знак во целата негова кариера“ објавија од МЗТ Скопје.