Вест хем го победи Вулверхемптон со 3:2 во одличен меч вечерва на „Молињу“, а Чеканите овојпат не дозволија реприза од дуелот со Арсенал кога прокоцкаа предност од 3:0 и ремизираа 3:3.
Популарните Чекани повторно поведоа со 3:0 со головите на Џеси Лингард, Пабло Форналс и Џеред Боувен и потоа застанаа.
Волците намалија на 1:3 со голот на Леон Дендонкер во финишот на првото полувреме и потоа со уште едeн гол се заканија со пресврт.
Фабио Силва намали на 2:3 во 68-мата минута и имаше уште доста време за подвиг и барем реми за Вулверхемптон, но домаќините не успеаја да го повторат подвигот на Арсенал од минатото коло.
Лингард беше маестрален со шестиот гол на осмиот меч што го одигра за Вест хем како позајмен играч од Манчестер јунајтед, а имаше и една асистенција и беше креатор на акцијата за вториот гол за гостите.
Вест хем успеа да го прескокне градскиот ривал Челзи на четвртата позиција со 52 бода и сега е на место што води во Лигата на шампионите.
Вулверхемптон ја продолжи серијата неуспеси и сега на пет меча по ред нема победа што доведе до пад на 14-тата позиција со 35 бода.