Клоп се понуди да биде тренер на шпански второлигаш, но доби „корпа“

Јирген Клоп покажа дека знае одлично да се пошегува дури и кога пред него е еден значаен меч како што е четвртфиналето од Лигата на шампионите. Германскиот стратег со Ливерпул денеска во Мадрид ќе играат против најтрофејниот европски клуб, Реал, во првиот дуел од битката за пласман во полуфиналето во елитната европска лига.

Клоп беше запрашан кој шпански клуб најмногу би сакал да го предводи, а Германецот имаше подготвено шеговит одговор.

„Мислам дека можам да ги предводам сите три најсилни клуба, но шпанскиот јазик ми е очаен. Едвај знам да нарачам пиво на вашиот јазик. Затоа мислам дека Мајорка ќе биде тим по моја мерка. Би било преубаво таму да се живее, таа клима…“, одговори Клоп на новинарското прашање.

По спомнувањето на Мајорка, од шпанскиот фудбалски второлигаш Мајорка веднаш му испратија одоговор на Клоп, кој исто така беше со шеговит карактер.

„Најдобрите секогаш сакаат да дојдат кај нас, затоа ние за тренер го имаме Луис Гарсија. Јиргене, рајот секогаш е добра опција“, стои во „корпата“ која Мајорка му ја даде на Клоп.

Славниот туристички слоган на Мајорка е: „Рајот е тука“.

 

- Оглас -

Најнови вести