Дел Боске: Без Меси во топ 3, Златната топка ја губи вредноста

Лионел Меси годинава нема да конкурира за најпрестижната индивидуална награда – Златна топка. Предност пред Аргентинецот добија Лука Модриќ, кој е главен фаворит, Рафаел Варан, Килијан Мбапе, а се наметнува и Антоан Гриезман.

Петкратниот освојувач на оваа награда нема да добие шанса да ја освои рекордната шеста Златна топка, иако од почетокот на сезонава Лео брилјира со настапите во дресот на Барселона. Со овој избор не се согласува поранешниот селекторот на Шпанија, Висенте дел Боске.

„Изненаден сум што Меси не е меѓу топ 3. Сметам дека наградата ја губи вредноста што Лео не се најде во потесниот избор. Во најмала рака, овој избор е чуден“, истака Дел Боске.

Иако Меси потфрли на Мундијалот, каде што со Аргентина успеа да стигне само до осминафинале, за разлика од фаворитот Модриќ, ѕвездата на Барса е во извонредна форма откако започна сезоната 2018/19. На 14 средби во Ла Лига и во Лигата на шампионите, Меси брои 15 погодоци и шест асистенции. Како и секогаш, тој е фактор „X“ за шпанскиот првак.

Престижната награда на „Франс фудбал“ ќе биде доделена на 3-ти декември во Париз.

- Оглас -

Најнови вести