Разликата од „Монументал“ до „Бернабеу“ е монументална

Не само географски (оддалечени се 10.000 километри и авионското патување трае речиси 12 часа), туку има и други сериозни разлики од стадионот и градот во кој требаше да се игра реваншот од финалето на Копа Либертадорес и местото каде што на деветти декември ќе се игра.

Од Буенос Аирес до Мадрид има голема разлика во километражата, има разлика во капацитетот на стадионите (Сантијаго Бернабеу е за 20.000 седишта поголем од Монументал), иако Ривер, секако, би играл на својот терен, а интересно е што димензиите на теренот се исти, 105 на 68 метри, и тоа нема да претставува проблем за Ривер.

Разликата е и во тоа што ќе има навивачи на двата клуба, а да се играше на „Монументал“, ќе присуствуваа само домашни, како што на првиот меч беа само фанови на Бока. Но, се чини дека најголемиот проблем ќе биде температурната разлика и тимовите ќе треба да дојдат во Мадрид порано за да се прилагодат. Во овој период од годината, во Аргентина температурата е над 25 степени и не паѓа под 13, а во Мадрид во декември преку ден е 10-15, а ноќе паѓа и до минус еден.

Претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес, рече дека Мадрид бил избран бидејќи има голем аеродром со директни летови до Буенос Аирес, доволно сместувачки капацитети и што таму живеат многу Аргентинци (околу 250.000), кои ќе имаат ретка прилика да ги гледаат двата најпопуларни клуба од нивната земја. Реал Мадрид гратис им го дал стадионот на користење, а иако имаше најави за делегирање шпански судија, сепак арбитер ќе биде Парагваец.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести