Вардарци без репрезентативци, па дури со шестмина јуниори дебитанти заминаа во Нови Сад

Екипата на Вардар 1961 утре од 17 часот го игра последниот меч од групната фаза во СЕХА-лигата, и тоа на гости кај Војводина.

Вардарци денеска отпатуваа за Нови Сад, а во тимот поради репрезентативни обврски нема да бидат Марко Кизиќ, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Марко Мишевски, Анте Гаџа, Васко Шеваљевиќ, Иван Чупиќ и Патрик Валчак, додека повредени се Борко Ристовски и Димитар Димитриоски.

Затоа, во тимот се приклучени шестмина јуниори од тимот предводен од тренерот Зоран Петковски. Станува збор за голманот Никола Спасовски (17 години), левиот бек Никола Анакиевски (18), средниот бек Виктор Трифуновски (18), левото крило Марио Стојановски (17), пивотот Александар Стојменов (17) и десното крило Матеј Трајановски (17).

„Пролетва навистина е напорен период за нас, постојано имаме натпревари. Ова беше единствен слободен термин и поради ЕХФ неделата нема да имаме повеќемина репрезентативци кои се со своите национални тимови. Но, и покрај тоа, за Нови Сад заминуваме со ракометари кои секако можат и ќе одиграат најдобро. Знаеме дека Војводина сигурно ќе игра на максимум, но и ние сме подготвени за она што нè очекува. Ова ќе биде и шанса шестмина наши кадети да почувствуваат што значи СЕХА лига. Тие веќе неколку дена тренираат со нас и ќе бидат подготвени за нивното деби“, рече тренерот Стевче Алушовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести