Македонија има европски план – Собир на 25 мај, Словенија ќе не тестира на 29 мај, во Букурешт пристигнуваме на 8 јуни

Македонија го има европскиот план за историскиот настап на првото големо натпреварување во нашата историја, а стартот е закажан за 25 мај, со собир на репрезентативците за единствениот подготвителен меч против Словенија закажан за 29. мај.

Јан Облак и неговите соиграчи од словенечката репрезентација ќе бидат вистински тест за Македонија пред патот за Букурешт. Капитенот Горан Пандев и уште 25-мина репрезентативци што треба да ги одреди селекторот Игор Ангеловски на 8 јуни ќе допатуваат во главниот град на Романија, на петдневни мини-подготовки пред стартот на ЕП закажан за 11 јуни.

Македонија ќе ја почне дебитантската авантура на големо натпреварување на 13 јуни во 18 часот, со меч против Австрија. Меч за историја, прв за нас на Европските првенства, што ќе се игра на националната арена во Букурешт.

Четири дена подоцна, на 17 јуни од 15 часот на истото место ќе играме против Украина, а првата фаза ќе ја завршиме со натпревар против Холандија на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам од 18 часот.

Според правилата на УЕФА, двете најдобри репрезентации од сите шест групи ќе обезбедат пласман во следната фаза, а таму ќе се пласираат и четирите третопласирани селекции со најдобар скор од вкупно шест групи, или вкупно 16 селекции од 24 што ќе настапат на ЕП.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести