Добар знак за ЕП – УЕФА попушти за младинскиот шампионат, ќе има публика со 50 отсто од капацитетот на стадионите

УЕФА попушта со строгите протоколи што важат за ковид-19 и има добра најава дека на нокаут-мечевите на младинското ЕП што го организираат Словенија и Унгарија ќе има зголемен капацитет до 50 отсто со навивачи на трибините.

Словенците објавија дека Александер Чеферин и неговите соработници од УЕФА ќе дадат зелено светло и на четирите натпревари што ќе се играат во Љубљана и Марибор ќе дозволат поголем број публика.

Се очекува тоа да биде 50 проценти од капацитетот на двете арени, вклучувајќи го и натпреварот за титулата младински европски првак што ќе се игра во Љубљана.

Сениорското Европско првенство се игра подоцна, од 11 јуни до 11 јули и засега на грото од стадионоите ширум Европа е дозволено да се исполни капацитетот со 25 отсто публика.

Македонија ќе игра два меча во Букурешт, на 13 јуни со Австрија и на 17 јуни со Украина, и потоа се сели во Амстердам, каде што ќе игра со Холандија на 21 јуни.

И Романците и Холанѓаните засега се подготвени за капацитет од 25 отсто, но и едните и другите притискаат на Националната арена во Букурешт и на „Јохан Кројф“ во Амстердам да се зголеми бројот на фудбалски симпатизери двојно, односно на 50 отсто.

Тоа би била одлична вест и за нашите репрезентативци и за навивачите на македонската репрезентација за да имаме поголема поддршка на трите дуели на ЕП во рамките на Ц групата.

 

- Оглас -

Најнови вести