Михајловиќ како пророк: предвиде кои судии ќе му судат против Јувентус, сега му се сонило дека ќе има и пенал

Јувентус утревечер ќе гостува кај Болоња во последното коло од италијанската Серија А, во меч на кој Старата дама ќе се обиде да стигне до позиција која води во Лигата на шампиони за следната сезона. Непосредно пред мечот, тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ може да се прослави како познат пророк.

Српскиот стратег пред само три дена најави дека веќе ги знае судиите кои ќе бидат делигирани за овој дуел.
„Сигурен сум дека ќе ни пратат добри судии. Конкретно, Валери и Џакомело“. Еден ден по оваа изјава на Михајловиќ беа познати и судиите, а тоа беа баш како што предвиде тренерот на Болоња. Валери е главен судија, а Џакомело ќе биде главен во ВАР собата.

Михајловиќ реши денеска да даде свое ново пророштво, односно предвидување за тоа што ќе се случува на утрешниот меч.

„Откако ја победив леукемијата, постојано одам на контроли во болницата. Вчера бев на контрола и како секогаш, ме успиваат за време на прегледот. Тогаш сонував како при резултат 0:0 беше досуден пенал за Јувентус и Пауло Дибала ја зема топката за да шутира. Токму во тој момент, докторот ме разбуди“, вели Михајловиќ во неговото ново предвидување пред утрешниот меч кој е од исклучително значење за Јувентус.

По 37 одиграни кола, Јувентус има 75 бодови, еден помалку од Наполи и Милан кои се на третото и четвртото место. Доколку Старата дама сака да се најде на позиција која води во Лигата на шампиони, покрај тоа што мора да победи против Болоња, мора да чека и кикс на Наполи дома против Верона или на Милан на гости кај Аталанта.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести