Квалификациите за ЕП 2021 се на дофат за кошаркарите

Добрата игра во непарните четвртини ѝ ја донесоа третата победа во третиот настап на македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација во втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2021 година. Во салата „26 Април“ совладана е селекцијата на Косово со 78:68.

Со новите два бода, Македонија е на чекор од пласман во квалификациите, во кои ќе играат 32 најдобри тима во Европа, а 24 ќе се пласираат на континенталниот шампионат. За остварување на целта, во февруарскиот циклус на Македонија ќе ѝ треба победа на гостувањето во Романија, или пораз од Романците до 13 поени разлика.

Доколку овие услови не се исполнат што е тешко за верување, тогаш останува да навиваме за Косово кога во Приштина ќе игра против Романија, но поучени од непријатното искуство од 2017 година, подобро сами да си ја завршиме работата и да не чекаме од другите.

Добриот почеток на првото и второто полувреме за Македонија, беа доволни за победа над Косово, тим кој се закани во вториот квартал, но не успеа да ја загрози победата на фаворитот.

Македонските кошаркари имаа падови и подеми во играта, можеби осцилациите беа предизвикани од бројните измени и недоволната воуграност со натурализираниот Витингтон кој дојде до првата победа во дресот на националниот тим, но најважно е дека се освоени двата бода.

Трајковски со 23, Витингтон со 15, и браќата Стојановски со 14 (Војдан), односно 10 поени (Дамјан), беа најефикасни во македонскиот тим кој беше испратен со аплаузи.

- Оглас -

Најнови вести