Милан со нетрпение го очекува мислењето и планот на новиот тренер на Наполи, Лучијано Спалети, за да тргне во акција за ангажман на италијанскиот репрезентативец Лоренцо Инсиње.
Офанзивецот на тимот од Неапол има договор до 2022 година и засега нема договор со Наполи за продолжување на соработката, што е шанса за Милан да обезбеди квалитетно засилување.
Италијанските медиуми објавија дека главниот збор ќе го има новиот тренер на Наполи, Лучијано Спалети, односно од неговата визија и планови за иднината на клубот зависи дали Инсиње ќе може да ја смени средината.
Напаѓачот со 40 настапи за италијанската репрезентација досега настапуваше само за Наполи во Серија А, а во клубот како професионалец е од 2010 година.
На почетокот беше позајмуван во Кавезе, Фоџа и Пескара, но веќе 11-та година е член на Наполи како професионалец, или вкупно има стаж од 15 години во клубот, сметајќи ги и четирите години минати во младинската Академија на Наполи.