Драговиќ го изнафали Пандев: Македонија има опасни играчи и капитен што е светска класа

Александар Драговиќ со многу комплименти говори за македонската фудбалска репрезентација, а стоперот на Австријците со посебни зборови и многу комплименти објасни што значи Горан Пандев за дебитантот на ЕП, Македонија.

„Ја победија Германија со тимска игра. Се сменија доста работи од нашите дуели во 2019 година, кога двапати лесно ги победивме. Имаат многу добри играчи, фудбалот е тимска игра, па нема да се фокусираме на еден фудбалер, но кај нив се знае кој е лидерот. Горан Пандев има 37 години и игра како да е на почеток на кариерата. Можеби веќе не е толку подготвен како порано, но сè уште е светска класа напаѓач. Има нос за гол и на него треба посебно да внимаваме“, вели Драговиќ.

Новиот член на Црвена ѕвезда играше на двата последни натпревари за Австрија против Македонија. Во Скопје беше стартер на 10 јуни пред две години и беше заменет веднаш по првото полувреме, а тогаш Австријците нè декласираа со 4:1.

Нашиот прв ривал на ЕП нè победи и пет месеци подоцна во нов квалификациски меч за ова Европско првенство, во Виена со 2:1, а Драговиќ го одигра целиот меч.

На 13 јуни Македонија ќе се обиде да се реваншира и за првпат да ја победи Австрија, во за нас историски меч, прв на големите натпреварувања.

Ќе се игра во Букурешт, на Националната арена од 18 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести