Австриската репрезентација за дуелот со Македонија се подготвува во планински услови, тие утре претпладне ќе заминат за Букурешт, каде задутре ќе имаат дуел со избраниците на Игор Ангеловски. Австрија нема победа на европските првенства и мечот со Македонија го гледаат како шанса за историска победа.
Селекторот Франко Фода, има две-три дилеми околу почетниот состав. Овој 55-годишен Германец вели дека кого и да го остави на клупа за резерви, ќе му падне тешко, бидејќи сите заслужуваат место како стартери. Немаат повредени, Марсел Забицер кој не тренираше вчера поради мускулни проблеми, му се приклучи на тимот.
Сигурно е дека Бахман од Вотфорд ќе биде голман против Македонија. Во одбраната ќе бидат Хинтерегер и Драговиќ како централни дефанзивци, веројатно со Лаинер и Улмер како бекови. Не се знае дали капитенот Баумгартлингер колку ќе може да игра, и затоа капитенската лента, и лидерската улога во средниот ред ќе ја има Алаба. Новиот член на Реал Мадрид може да игра на неколку позиции, но потсетување дека Алаба и Баумгартлингер не играа во Скопје кога Австрија победи со 4-1.
Покрај Алаба и Забицер, во средина ќе биде и Баумгартнер, и уште некој (кандидати се Грилиш, Илзанкер, Шлагер). Ако Арнаутовиќ навистина е 100 проценти спремен како шти тврди самиот, тој ќе биде ударната игла во нападот. На последната контрола со Словачка, Арнаутовиќ играше само половина час. Ако не го убеди селекторот, тогаш шпиц ќе биде двометрашот Калајџиќ.
Фода рече дека на тренинзите ја испробувале и варијантата на терен да бидат и Арнаутовиќ и Калајџиќ. Австрија има проблем со реализацијата, 316 минути не дале гол, но селекторот не е загрижен.
„Креиравме многу шанси против Англија и Словачка. Убеден сум дека на ЕП ќе даваме голови. Ако не успееме против Македонија, ни остануваат другите два меча. Победа на првиот меч на ЕП многу би ни значела, ќе ни ја зголеми силата и самодовербата, но како и да заврши мечот, после тоа имаме уште два“ – вели Фода.