Лани го преживеа тоа што му се случи на Ериксен, а сега играше на ЕП

Дејли Блинд е апсолутен херој на досегашниот дел од Европското првенство. Холандскиот репрезентативец синоќа беше стартер на дуелот против Украина и одигра 64 минути, кога беше заменет и со солзи во очите го напушти теренот.

Блинд е играчот кој пред помалку од една година, на пријателскиот меч меѓу Ајакс и Херта ненадејно падна на теренот. Реагираа лекарите, а Блинд заврши во болница поради проблеми со срцето. На дефанзивецот на Ајакс му беше вграден стент и неколку месеци подоцна се врати на теренот.

Репрезентативецот на Холандија открива колку му било тешко да се фокусира и да одигра синоќа, посебно по тоа што пред два дена му се случи на Кристијан Еркисен. Данскиот фудбалер падна на тревата и лекарите 10-тина минути се обидуваа да го реанимираат, а на крајот успеаја.

„Сето тоа што се случи со Ериксен имаше големо влијание на мене. Го познавам Кристијан, ова е ужасна ситуација за него. Јас го поминав тоа, а сега кога го видов што му се случи на Ериксен, повторно морав ментално да го преживеам тоа“, открива Блинд.

Додека Блинд беше на теренот, Холандија водеше со 2:0, а неколку минути по неговото излегување од игра, Украина даде два гола. Лалињата сепак успеаја да победат, постигнувајќи трет погодок.

„Горд сум што повторно можам да играм. На крајот дојдоа емоциите. Мислев дека нема да можам да играм. Сликите од случувањата со Ериксен имаа големо влијание на мене. Не можев добро да спијам. Навистина морав да поминам голема препрека за да успеам да истрчам на теренот“, додава Блинд, кој порачува дека сега на Ериксен му е потребен многу одмор.

 

- Оглас -

Најнови вести