Елмас: Не би сакал ова да му биде последен меч на Пандев во репрезентативниот дрес

Македонија во понеделник ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство. Во Амстердам Рисовите ќе ги одмерат силите против Холандија, фаворитот во групата Ц.

Елиф Елмас знае дека ќе биде исклучително тешко на „Јохан Кројф арената“, дури и ако Лалињата се појават на теренот со втор состав, но неговата желба и натаму е да се освојат три бода во последното коло.

„Подготвени сме за дуелот против Холандија. Денес трениравме комплетно целиот тим, знаеме дека нè очекува тежок натпревар. Холандија може и со вториот тим да се појави на терен, пак ќе ни биде тешко. Ние ќе играме за нас, но и за целата нација, за навивачите кои досега нè бодреа. По поразите од Австрија и Украина сфативме колку тешко да се биде дел од Европското првенство, ни треба искуство кое може да го добиеме само доколку што почесто играме на големите натпреварувања. Секако дека се чувствуваме должни што не издвоивме барем еден добар резултат, бидејќи се трудевме максимално. Сепак, сфативме дека потребно е да играме на високо ниво цели 90 минути за да стигнеме до такво нешто. Како и да е, останува мисијата да освоиме три бода до крајот на ова ЕП, па да ги повторуваме овие успеси со пласмани на следните шампионати“, истакна Елмас.

За капитенот Горан Пандев ова може да биде последен натпревар во репрезентативниот дрес и воопшто во неговата кариера, а Елмас иако не сака тоа да се случи, се надева дека ќе може го испрати со позитивен резултат против Лалињата

„Секако дека е дополнителен мотив да го испратиме бате Горан со добар резултат. Не знам што има тој изјавено и дали навистина му е последен меч за репрезентацијата, секако јас не би сакал да биде така бидејќи и по ова ЕП ни претстојат тешки натпревари во квалификациите за Светското првенство, па би сакал да ни помогне и во иднина“, додаке ЕЛмас.

- Оглас -

Најнови вести