Нуно Еспирито Санто беше топ-фаворит за нов тренер на Фенербахче, но одлучи да остане во Англија и да го предводи Тотенхем, па сега почист е патот на Игор Ангеловски кон позицијата нов шеф на стручниот штаб на турскиот гигант.
Првиот човек на Фенер, Али Коч, најави дека на почетокот на оваа седмица, односно во понеделникот ќе го објави името на новиот тренер, но тоа беше одложено токму поради Португалецот Еспирито Санто.
Поранешниот тренер на Вулверхемптон беше главен кандидат за нов тренер на Фенер пред македонскиот селектор, но сега веќе речиси и да нема пречки за промоција на популарниот Мрме како нов стратег на најтрофејниот турски клуб.
Конкурент на Ангеловски беше и Златко Далиќ, селекторот на Хрватска, но и тој веќе не е кандидат за тренерската позиција во Фенер откако објави дека продолжува да биде селектор на кормилото на актуелните светски вицешампиони.
Фенербахче е рекордер со 28 шампионски круни, пред Галатасарај со 23 и Бешикташ со 21, во трилингот турски гиганти од Истанбул.
Ангеловски го заврши шестгодишниот мандат како селектор на Македонија, односно ангажманот официјално му завршува на 31 јули, но веќе се знае дека наследник ќе му биде Благоја Милевски.
Фенербахче се надева дека со именувањето на Ангеловски за нов тренер ќе успее да го доведе во своите редови и Езџан Алиоски. Двајцата соработуваа многу успешно и со Македонија за првпат играа на големо натпреварување, на Европското првенство што е во тек.
Алиоски е пред крај со договорот со Лидс и можно е да се пресели во Турција.