Крис Пол со 41 поен приреди шоу против „своите“, Феникс ќе игра финале во НБА по 28 години

Крис Пол беше феноменален и со 41 поен и 8 асистенции се покажа како вистинскки лидер на Феникс санс во клучната победа од 130:103 против својот поранешен клуб Лос Анџелес клиперс, вредна за финале во НБА-лигата.

Пол и на 37-годишна возраст потврди дека сè уште е меѓу најдобрите бекови во Лигата, одигра како по ноти и за првпат во 16-годишната кариера ќе игра серија за титулата во НБА.

Феникс ги доби сите четири четвртини за убедлив триумф од 27 поени разлика за крај на финалната серија во Западната конференција, што ја добија со 4:2 во победи.

Покрај Пол, одлично одиграа и Букер со 22 поени и 7 скока, потоа и Краудер со 19 поени и Ајтон, кој уфрли 16 поени и имаше дури 17 скока.

Маркус Морис со 26 поени беше најефикасен кај Клиперс, пред Пол Џорџ со 21 поен.

Сонцата се првиот тим што паузирал најмалку 10 години од настапите во плејофот, па потоа успеал да се пласира во големото финале.

Во 1993 година играа завршна серија за пехарот, но загубија со 4:2 од Чикаго булс. Сега, по 28 години пауза, пак се финалисти, а ривал ќе им биде или Милвоки бакс, или Атланта хоукс.

Моментно во финалето на Источната конференција резултатот е 2:2, што значи дека Санс ќе бидат поодморни од ривалот во големото финале.

Клиперс беа драстично ослабени во шестиот меч, играа повторно без првата ѕвезда Кавај Ленард, но и без центарот Зубац и без Ибака, па ќе чекаат нова шанса за да играат финале и меч за титула во најсилната кошаркарска лига на светот.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести