Иако имаше најави дека Лионел Меси и Кристијано Роналдо заедно ќе го гледаат финалето од Копа Либертадорес помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс, сепак Португалецот нема да се појави во Мадрид.
Кристијано избегнува да биде на исто место со претседателот на Реал Мадрид, не сакаше да се појави при прогласувањето на Лука Модриќ за фудбалер на годината, па иако доби покана, реши да не се појави во ложата на стадионот на којшто во дресот на Реал даде огромен број голови.
За Роналдо, уште е рано да се појави во Мадрид, раните по преминот од Реал во Јувентус уште се свежи, релацијата со раководството на Кралскиот клуб му е лоша и иако првично бил ентузијастички расположен да замине да го гледа Суперкласико, сепак во недела нема да се појави.
Аргентинецот Меси потврди дека ќе биде во Мадрид и ќе го гледа во живо двобојот на двата аргентински ривали за кои никогаш нема играно во кариерата, па веројатно сеедно му е кој ќе триумфира. Но на фановите не им е сеедно, победникот веројатно ќе се фали во наредните 100 години.