Првата ѕвезда на актуелниот јужноамерикански шампион Нејмар посакува да игра против Аргентина во големото финале на Копа Америка, откако Бразил ноќеска минимално триумфира против Перу и ќе ја брани титулата на 11 јули.
Нејмар вели дека има многу пријатели од селекцијата на Гаучосите, пред сè тоа е Лионел Меси, со кого ја делеше соблекувалната во Барселона.
„Би сакал да играме против Аргентина во финалето. Ќе навивам за нив во дуелот против Колумбија бидејќи имам доста пријатели од таа репрезентација. А, ако се пласираат, Бразил ќе слави нова титула“, истакна Нејмар по победата над Перу.
Низ историјата, Бразил и Аргентина трипати се сретнале во финалето на Копа Америка, во далечната 1937 година Гаучосите славеа со 2-0, додека во 2004 и 2007 година триумфираше Бразил на пенали, односно со убедливи 3-0.
Аргентина предводена од Меси загуби две финалиња по ред во 2015 и 2016 година, двапати од Чиле, па ова му е една од последните шанси на Меси да се закити со одличје на репрезентативно ниво, нешто што му недостасува во пребогатата колекција од трофеи.