Искусниот Луис ван Хал ја презема селекторската палка во репрезентацијата на Холандија, тврди реномираниот весник „Де Телеграф“. Ван Хал треба да биде предводникот на Холандија во квалификациите за Светското првенство во Катар и неговиот ангажман да трае до завршување на Мундијалот.
Лалињата останаа без селектор по отказот на Франк де Бур по завршувањето на Европското првенство. Холандија одигра разочарувачки континентален турнир и испадна уште во осминафиналето од Чешка со 2:0, иако во групната фаза победи на сите три средби.
Ван Хал повеќе од пет години не е активен во фудбалот. Последен пат беше тренер на Манчестер јунајтед, но неговиот ангажман заврши во мај 2016 година. За искусниот 69-годишен тренер ова ќе биде трет селекторски ангажман во Холандија, откако претходно го предводеше националниот тим во периодот од 2000-2002 година и во периодот од 2012-2014 година.
Во 30-годишната кариера Ван Хал бил тренер и во Ајакс (1991-1997), Барселона (1997-2000 и 2002-2003), АЗ Алкмар (2005-2009), Баерн Минхен (2009-2011) и Манчестер јунајтед (2014-2016).