Манчестер јунајтед константно е критикуван од страна на поранешните фудбалери на дваесеткратниот англиски првак. Тимот на Жозе Мурињо веќе трета сезона игра далеку под очекувањата, а на удар секогаш се ѕвездите како Пол Погба и Ромелу Лукаку.
Последен од редицата на ктирикувачи е Пол Инс, кој ги бранеше боите на екипата од „Олд Трафорд“ од 1989 до 1995 година.
„Погба беше доведен како играч од светска класа, а сега изгледа просечно. Ако смета дека е доволно да излезе на терен и да направи неколку глупави и безвредни трикови, тогаш тој е идиот. А што прави Лукаку? Која е неговата улога во тимот? Напаѓачот е тој што треба да постигнува голови, а тој не си ја врши работата. Ако не дадеш гол, тогаш си заслужил да бидеш заменет, а самодовербата на Лукаку е на многу ниско ниво за да биде прв избор во нападот“, истакна Инс.
Ексфудбалерот на „црвените ѓаволи“ потоа направи споредба со ѕвездите на Јунајтед и Андер Ерера.
„Погледнете го Ерера. Тој не е најдобар играч на светот, но максимално се труди кога и да добие шанса. Се гледа дека разбира што значи да се носи црвениот дрес, се бори до самиот крај, сака да победи по секоја цена. Тоа е разликата помеѓу Ерера и Погба, односно Лукаку“, додаде Инс.
Францускиот играч за врска во дербито против Арсенал (2-2) ги одира последните петнаесетина минути и не внесе свежина во играта на Јунајтед. Немаше посебен придонес, а ниту Лукаку не се прослави. Белгиецот влезе во игра 12 минути порано, но и тој не ја заврши задачата за која беше внесен во игра.
Манчестер јунајтед утре (16 часот) пред своите навивачи го пречекува Фулам. Составот на Клаудио Раниери е последнопласираната екипа во Премиер лигата, додека Јунајтед се наоѓа на осмата позиција на табелата, со 23 бода по 15 натпревари.