Србија го одбрани златниот олимписки медал во ватерполо во машка конкуренција, по сигурната победа над Грција во финалето со 13-10.
Сосема заслужено популарните Делфини одново се закитија со највиското олимписко одличје повторувајќи го успехот од Рио пред пет години.
Србите го најавија триумфот со освојување на првиот период со 6-3, за потоа со минимална предност да заминат на пауза иако Грците стигнаа до егал при резултат од 7-7. Во последната четвртина следуваше серија од три гола на актуелните шампиони и влез во завршните две минути со предност од 13-10, што се покажа како конечен резултат.
За Грците доволно ќе биде среброто, а со бронзен медал се закити Унгарија по победата над Шпанија со 9-5 во мечот за третото место.