Македонскиот национален фудбалски А тим вечерва го има првиот тренинг пред трите средби од квалификациите за Светското првенство 2022 година. Новиот стручен штаб на чело со Благоја Милевски на располагање има тим кој е составен од некои искусни репрезентативци, но и фудбалери кои досега не добивале шанса.
„Првите три меча од овој циклус беа како што планиравме, освоивме доволно бодови. Сега треба што подобро да се прилагодиме на идеите на новиот стручен штаб, но многумина од нас сме работеле со Милевски и верувам дека за брзо време ќе бидеме на чисто какви идеи ќе имаме. Сме играле често со Ерменија, знаеме за каков противник станува збор, им ги знаеме добрите страни, но треба да покажеме на терен што знаеме и да направиме добар резултат“, вели Висар Муслиу.
И Александар Трајковски има слични размислувања.
„Среќен сум што пак ги гледам овие момци, има и некои нови млади дечки. Очекувам да продолжиме со максимална мотивација, да даваме максимум и да продолжиме со добри резултати. Имаме нов стручен штаб, и тие се мотивирани, а и ние исто така за да се наметнеме. Против Ерменија игравме неколку пати, најбитно е да бидеме фокусирани и спремни. Важно е по секој меч да се одмориме, сите треба да бидеме спремни и фокусирани. Долго време сум во селекцијата, но се чувстувам млад, уште долго ќе помагам. На новите им посакувам добредојде и да дадат максимум како јас што давав кога првпат бев во репрезентацијата“, рече Трајковски.