Борко: Најважно е дека победивме, треба да уживаме во овие моменти

Борко Ристовски со 16 одбрани, од кои три беа удари од пенал, е херојот на Вардар во победата над Алборг од 30:28 во рамките од третото коло во Лигата на шампионите. По мечот, Ристовски истакна дека најважно е што Вардар победил.

„Не ми се битни одбраните, најважно е дека победивме. Мартин Томовски во изминатите мечеви беше добар, но нормално е да има и вакви мечеви. Затоа сме и останатите голмани тука. Тежок меч, Алборг е технички и тактички добро подготвен . Потајно се надевавме дека можеме да победиме. Убав почеток на една сезона, која ќе биде многу долга. Има уште многу мечеви пред нас, да не се залетуваме, но сепак да уживаме во овие моменти“, вели Ристовски.

Тренерот Веселин Вујовиќ вели дека Вардар ја победил една од четирите најдобри екипи во Европа.

„Алборг ја има една од четирите најдобри екипи во Европа. Пред мечот многу ги респектирав, но со борбена игра во текот на целиот меч и чудесниот Борко успеавме да стигнеме до победа. За мене Алборг е фаворит да биде во топ 4. Мора да бидеме мирни и скромни“, Вујовиќ.

Тренерот на Алборг, Стефан Матсен, е разочаран што неговиот тим не победил.

„Честитки за Вардар и за победата. Знаевме дека ќе биде многу тежок меч. Мило ни е што игравме во оваа сала против тим со таква историја. Сите тука беа многу пријателски настроени кон нас и одлично бевме пречекани. Разочарани сме што не ги освоивме двата бода. Во поголем дел од првото полувреме ја контролиравме играта, а потоа ја загубивме силата, ја загубивме брзината. Промашивме неколку чисти удари, а во вакви мечеви тоа не е дозволиво“, изјави Стефан Матсен.

- Оглас -

Најнови вести