Македонскиот национален тим синоќа во Скопје беше поразен од Германија со 0-4, и тоа е еден од најтешките порази во 28-годишната историја на репрезентацијата на Македонија. Во минатото, Црвено-жолтите губеле со 0-5 и 1-6, а синоќа за првпат дома загубивме со 0-4. Ова беше и прв пораз на Рисовите под водство на селекторот Благоја Милевски.
Како гости, трипати сме биле надиграни со 0-4, а последен пат против Ерменија во октомври 2018 година. Три години уживавме во резултати без тешки дебакли, освен оној домашен убедлив пораз 1-4 од Австрија во квалификациите за ЕВРО 2020, но синоќа само за едно полувреме Македонија прими четири гола и се оддалечи од баражот за пласман на Светско првенство.
Сега зависиме од Романија, која има бод плус, и ќе чекаме нивен кикс во следното коло во ноември, кое е и клучно, бидејќи Македонија гостува кај Ерменија, а Романија го пречекува Исланд. Само победа против Ерменија ја одржува нашата селекција во игра до крај. Пораз во Ереван ќе значи пад на четврто место.