Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ, беше разочаран од играта и залагањето на играчите на македонскиот првак во дуелот против Рогашка. Аеродромци беа фаворити пред мечот, но на крајот загубија убедливо со 80:64. Радуловиќ по мечот истакна дека играчите премногу немотивирано влегле во овој меч, и тоа на крајот ги чинеше пораз.
„Сè беше проблем. Немавме транзиција, немавме скок, бевме млитави во напад, бевме без комуникација во одбрана. Ги предупредив играчите да не мислат дека ќе биде лесно, но се случи спротивното, ние мислевме дека со самото влегување на теренот ќе победиме. Рогашка ни одржа лекција за тоа како се игра кошарка, како се бори за тимот. Мора да се смени пристапот на играта инаку ќе мора да го решаваме проблемот на друг начин“, изјави веднаш по поразот тренерот Радуловиќ.
Стратегот на Рогашка, Дамјан Новаковиќ, беше изненаден дека неговиот тим толку лесно победил затоа што МЗТ има играчи кои се со големо АБА искуство.
„Искрено ни самиот не очекував ваква игра. Игравме против тим кој реално е две нивоа над нас. Тука се Крстевски, Стојановски и други играчи кои имаат многу мечеви и во АБА 1 лига. Одигравме како што се договоривме. Бевме трпеливи, МЗТ игра агресивно и тоа ни одговараше. Ги искористивме нивните грешки и постигнавме 80 поени“, задоволно коментираше Новаковиќ по мечот.