Почна НБА-лигата – Шампионот ги скина Мрежичките на Бруклин, Вестбрук дебитираше со пораз за Лејкерси

Јанис Адетокумбо и неговите соиграчи од Милвоки бакс потврдија дека се меѓу топ- кандидатите за титулата во НБА-лигата со премиерна победа во новата сезона против Бруклин нетс со 127:104.

Грчкиот репрезентативец и лански МВП, Адетокумбо, постигна 32 поени со 14 скока и 7 асистенции, во првиот меч по освоената НБА круна со Милвоки.

Крис Мидлтон и Пет Конатон уфрлија по 20 поени кај актуелниот првак, кој имаше победнички старт во сезона во која Елените ја бранат титулата.

Кевин Дурант уфрли 32 поени со 11 скока кај тимот од Бруклин, а Пети Милс и Џемс Харден беа веднаш зад него со 21, односно 20 поени.

За Мрежичките од Бруклин не играше Кајри Ирвинг, кој ќе отсуствува од тренинзите и натпреварите во НБА-лигата сè додека не се вакцинира.

Во второто дерби на премиерната ноќ во новата сезона на НБА-лигата, Голден стејт вориорс беа подобри од Лос Анџелес лејкерс и славеа со 121:114.

Стефон Кари ги предводеше гостите до победа со трипл-дабл учинок од 21 поен и по 10 скока и асистенции. Иако шутираше многу лошо со 5 погодени удари од 21 од поле, Кари најде начин да го води умешно гостинскиот тим до триумф.

Џордан Пул со 20 поени беше веднаш зад него, а на Лејкерс не им помогна ниту расположеното дуо Леброн Џејмс и Ентони Дејвис кои искомбинираа 67 поени, 22 скока и 7 асистенции.

Потфрли Расел Вестбрук во дебито за Лејкерс со 8 поени, пет скока и 4 асистенции, премалку за кошаркар што има годишна плата од 44 милиони долари, трета највисока во НБА-лигата.

- Оглас -

Најнови вести