Ливерпул е фаворит против Манчестер јунајтед, Мурињо е најопасен кога е отпишан

Ѓорѓи Христов е нашиот нов фудбалски експерт во типувањата на страниците на Спорт Манија, а вториот најдобар стрелец на македонската репрезентација е вистинскиот човек за анализа и прогноза на мечевите од Премиер лигата.

Од 1997 до 2000 година играше на Островот, за екипата на Барнсли, и одлично ги познава состојбите во колевката на фудбалот, во Англија. Во првата сезона со екипата од Јоркшир настапуваше во Премиер лигата, одигра 25 натпревари и постигна 4 голови, а потоа следеа две сезони во Чемпионшип лигата со Барнсли.

„Убави се спомените од тој период и настапите во една од најсилните лиги на светот се моменти за паметење. Англија во вистински смисол е колевка на фудбалот, со посебна страст се следи најважната споредна работа на светот, стадионите се секогаш полни, а атмосферата е специјална“, вели Христов, како најава за дружбата со Спорт Манија.

Минатата недела, директорот на пионерско-младинската Академија на Вардар беше во Лестер како модератор и предавач на Броук Хаус Академијата, која е дел од семејството на премиерлигашот Лестер.

„Втора година по ред ме поканија да бидам гостин на Академијата, а веќе договоривме соработка меѓу Вардар и Лестер. Две наши деца ќе добијат стипендии и ќе бидат дел од колеџот со фудбалска Академија на Броук Хаус, што е почеток на добра соработка со Лестер. Се надевам дека во иднина само ќе се зацврстуваат и прошируваат веќе поставените темели за соработка со премиерлигашот“, открива директорот на Академијата на Вардар.

Англиското првенство го има на дланка, а за почеток еве ги петте предлози на Христов за мечевите од 17-тото коло во Премиер лигата:

 

Ливерпул – Манчестер јунајтед (недела, 17 часот)

Познат е ривалитетот на двете најтрофејни екипи во Англија, кои се оддалечени 40-тина километри. Веројатно никогаш како сега Ливерпул не бил толку голем фаворит против Манчестер јунајтед. Не сум фан на Жозе Мурињо, но Португалецот е најопасен кога е однапред отпишан. Сепак, малку и навивачки ќе прогнозирам победа на Ливерпул, особено и поради фактот што имаат посебен стимул по елиминацијата на Наполи во Лигата на шампионите.

Предлог тип: 1 (1.63)

 

Манчестер сити – Евертон (сабота, 13.30 часот)

Ова е посебен викенд во Англија бидејќи ретко се случува да има две фудбалски пресметки меѓу екипи од Манчестер и од Ливерпул.

Пеп Гвардиола успеа да го доведе Манчестер сити во позиција да биде екипа што доминира во англиското првенство. Имаат многу голем избор на играчи, можат да состават два, па и три многу квалитетни состави и очекувам да го победат Евертон.

Предлог тип: 1 (1.25)

 

Хадерсфилд – Њукасл (сабота, 16 часот)

Хадерсфилд е клуб од Јоркшир, градот е оддалечен околу 20-тина километри од Барнсли, па кога веќе мојот поранешен клуб не игра во Премиер лигата, со посебно внимание ги следам настапите на Хадерсфилд. Се наоѓа во опасната зона за испаѓање, а и Њукасл има скромен почеток на сезоната, па верувам дека тука ремито е најреална опција.

Двете екипи се во ситуација да не смеат да загубат и очекувам дека ќе бидат задоволни со по еден бод.

Предлог тип: Х (3.05)

 

Фулам – Вест хем (сабота, 18.30 часот)

Дербито на две лондонски екипи е секогаш атрактивно. И по трепат ќе типувам победа на домашна екипа во дуел што го заслужува епитетот дерби на колото.

Клаудио Раниери е квалитетен тренер, но, секако, му треба одредено време да ја наметне својата филозифија во Фулам. Последни се на табелата, но тоа не е одраз на квалитетот бидејќи во екипата има многу добри играчи. Очекувам да проработат против Вест хем и со победа да го најават бегството од дното на табелата.

На „Крејвен котиџ“ имам играно двапати, амбиентот на еден од најстарите, но и најмали стадиони во Премиер лигата е посебен, па верувам дека со поддршка на навивачите, со искуството на Раниери и со квалитетот што го има Фулам ќе успее да ги освои бодовите.

Предлог тип: 1 (2.70)

 

Саутхемптон – Арсенал (недела, 14.30 часот)

Унаи Емери сè повеќе успева да ја наметна својата фудбалска концепција во Арсенал, екипата што негува офанзивен стил на фудбал. Шпанецот од меч во меч потврдува дека раководството на „топчиите“ донесе вистинска одлука со неговиот ангажман.

Арсенал е во серија без пораз на 14 натпревари во Премиер лигата, фати одличен залет и е фаворит против Саутхемптон. Домаќините имаат и проблем со смената на тренерот и сосема спротивно од Арсенал, не знаат за победа веќе 12 рунди во Премиер лигата. Изборот им  е само еден, да се обидат да ја прекинат црната серија и ќе мора да играат на победа.

Филозофијата на Арсенал е позната, да се игра офанзивно, па на овој дуел очекувам да има многу голови.

Предлог тип: 4+ (2.55)

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести