Столе Димитриевски утре ќе има прилика да го чува голот на Рајо Валјекано на гостување кај Реал Мадрид, и во пресрет на дуелот, даде интервју за „Марка“. Македонскиот репрезентативец вели дека често се вози во мадридското метро, а за мечот со европскиот првак, вели дека опасноста ќе му доаѓа од сите страни, освен од колегата Тибо Куртоа, со кого би сакал после мечот да си ги разменат дресовите.
„Многу ми се допаѓа Мадрид, има многу важни спортски случувања, дури и финале на Либертадорес. Често го користам метрото кога одам во центарот или други делови на градот. Убава е и населбата каде што живеам, луѓето се прекрасни, а навивачите секогаш се со тимот, уживаат кога победиваме, и ни даваат поддршка кога губиме. Тоа ни дава сила“ – изјави кумановецот, кого во Рајо го викаат Дими, а живее во близина на тренинг центарот на клубот чиј дрес го носи.
„Тука мојот репрезентативен колега Пандев со Интер освои Лига на шампиони и затоа овој стадион кој е еден од најубавите на светот, е посебно место за мене како Македонец. Не сум го посетил стадионот внатре, но утре ќе имам прилика да видам како изгледа. Ќе уживам во мечот против 13-кратниот европски првак. Играњето за Рајо ми ја овозможи таа шанса“ – додава Столе кој во Рајо е од зимоска и верува дека ќе изборат опстанок во Примера дивизија.
Рајо на 17 гостувања, само еднаш победил кај Реал и во тоа во 1996 година. Димитриевски верува во подвиг, а тоа ќе се случи ако Реал има лош ден, а на Рајо му тргне.
Димитриевски има дрес од Серхио Рамос, од гостувањето на Шпанија во Скопје во 2017, па утре би сакал дебито на „Бернабеу“ да го памети и по менување на дрес со Белгиецот Куртоа.