„Пророкот“ кој предвиде битка за тронот на ЕП во кошарка во 2011 и медал на ЛОИ во Токио, состави богат хуманитарен тикет

Даниел Димевски, актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет, е човек со среќна ѕвезда. Во време на негово раководење со соодветните организации, се случија најголемите успеси во македонскиот спорт, четврто место на Европско првенство во кошарка во 2011 година, кога Димевски беше прв човек на Кошаркарската федерација, и прв сребрен олимписки медал, со Димевски како претседател на Олимпискиот комитет.

Димевски веќе 13 месеци е на чело на Олимпискиот комитет на Македонија, а од 2005 до 2015, цела деценија беше на чело на Македонската кошаркарска федерација.

„Има и сличности, но и многу разлики во раководењето на овие организации. Сличностите се што цело време се работи со спортисти и резултатите ги ставаме во фокус. Ја напуштивме девизата дека е важно само да се учествува, сакам да се постигне и резултат. Условите се драстично подобрени со обезбедување на салата ‘Јане Сандански’ и сите содржини што ги нуди таа, македонскиот спорт доби многу со добивање на овој ресурс. Како разлика од Кошаркарската федерација, е што тука интензивно се работи на индивидуалните спортови, кои се поблиску до остварување на светски резултати отколку колективните, пред сè, поради конкуренцијата која е поголема во екипните спортови, па во екипните потешко е да се стигне до Олимписки игри“, објаснува Димевски.

МАКЕДОНИЈА И ВО ПАРИЗ 2024 ВО ТАЕКВОНДО И БОРЕЊЕ ИМА НАЈГОЛЕМИ ШАНСИ ЗА МЕДАЛ, НО МОЖНИ СЕ И ИЗНЕНАДУВАЊА

„Дефинитивно гледам спортисти кои може да освојат олимписки медали, освен Дејан Георгиевски, имаме уште двајца таеквондисти коишто мислам дека може да направат голем резултат, а големи очекувања имаме и од борачите Нуров и Егоров, коишто имаат шанса. Возможно е до 2024 година да имаме уште некое изненадување. Интензивно ги помагаме спортистите, на дневна основа се забележува напредок кај повеќе спортови коишто имаат подобрени услови за работа“, вели Димевски.

„ЗЛАТЕН ДЕНАР ЗА ЗЛАТЕН ОЛИМПИСКИ МЕДАЛ“ ЗА ОЛИМПИСКИТЕ НАДЕЖИ

„Во тек е проектот Идентификација на таленти, кој е во завршна градежна фаза. Тоа ќе биде олимписки ценар за физичка подготовка, надграден со комплетно мерење на перформанси, се надевам дека ќе биде готов на почетокот на следната година. Се работи на обезбедување машини и обука на стручњаци, овој центар беше едно од клучните мои предизборни ветувања. Го стартуваме и проектот златен олимписки денар, кој директно ќе биде извор на стипендии за млади олимписки надежи и тој ќе почне од јануари, со што како реализиран ќе заокружиме голем дел од програмата. Мотото е ‘Златен денар за златен олимписки медал’ бидејќи следен таргет ни е олимписко злато“, најавува Димевски, кој не се откажува ниту од екипните спортови, каде што веројатно ракометната селекција е најблиску до учество на олимписки турнир, но се наметнуваат и фудбалерите на кои исто така се смета.

СО ПОДДРШКА ОД ПОЛНА САЛА, БИ МОЖЕЛЕ ДА ИМ ВРАТИМЕ НА ШПАНЦИТЕ ЗА ПОРАЗОТ ОД ПРЕД ДЕСЕТ ГОДИНИ

Како човек кој цела деценија беше прв човек на макбаскетот, Даниел ги следи случувањата во кошарката. Македонија идниот петок првпат почнува со играње квалификации за Светско првенство, и тоа против актуелниот светски првак Шпанија, од која загубивме во полуфиналето на незаборавниот Евробаскет во 2011 година.

„Шпанија ни остана должник, загубивме од нив во тоа изедначено полуфинале на ЕП, а верувам дека и сега во Скопје ќе биде егал, иако Шпанија е фаворит. Шпанците доаѓаат со значително изменет состав, дај Боже да имаме полна сала, може да се надеваме и на победа. Секако дека успехот на ЕП во 2011 е најзабележителниот и најемотивниот момент во мојата кариера како спортски работник. Ја имам привилегијата да ги држам двата најдобри резултати, Дејан Георгиевски стана сребрен на олимписки игри, и легендарното четврто место во кошарка“, вели Димевски.

ВАЖИ ЗА ДОБАР ПРОГНОЗЕР, ФАН Е НА ЏЕНОВА И ЧЕЛЗИ

Претседателот на Олимпискиот комитет себеси се смета за добар прогнозер. Тој е еден од ретките оптимисти кои веруваа во чудо дека кошаркарите во 2011 ќе се борат за медал, а го најави и освојувањето на медал на таеквондистот Георгиевски пред заминувањето во Токио.

„Најавив добар пласман и битка за медал на ЕП во кошарка во 2011 и освојување на медал од ОИ во Токио, значи сум имал добра проценка и претчувство. Следам фудбал. Омилен тим во моментов ми е Џенова поради Горан Пандев, инаку ако зборуваме за топ-клубовите, би го издвоил Челзи. Не сум уплаќал тикети во обложувалница, но важам за добар прогнозер, пријатели често ме консултираат за мислење“, заклучува човекот кој состави хуманитарен тикет со осум мечеви од топ 5 лигите во Европа. Една од најхрабрите прогнози на Димевски е дека Џенова со новиот тренер Шевченко, ќе ја изненади Рома на Мурињо.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести