Елмас не може сè сам: Наполи загуби од тим кој пред еден месец прими седум гола!

Наполи загуби на гостувањето кај Спартак во Москва со 2:1 и италијанскиот тим си ги искомплицира шансите за поминување на групната фаза во Лигата на Европа. Калчолигашот во последното коло од второто по ранг европско натпреварување на УЕФА ќе игра против Лестер и најверојатно ќе мора да брка победа за да ја помине групната фаза.

Спартак Москва е тим кој речиси два месеци се немаше израдувано на победа, а точно пред еден месец во домашното првенство го претрпе најтешкиот пораз во клупската историја откако загуби со 7:1 на гости кај Зенит. Постот без победа Спартак го прекина токму денеска, против Наполи, и тоа најмногу благодарение на играта во првото полувреме.

Александар Соболев ги даде двата гола за домашниот тим. Првиот пат погоди од пенал во третата минута, а потоа по втор пат беше прецизен во 28-мата минута за 2:0. Меѓу двата погодоци на Спартак, Наполи имаше шанса за гол, но двата удари на Елиф Елмас ги одбрани домашниот голман.

Тоа што Елмас не се израдува во првото полувреме, го коригираше во вториот дел. Македонскиот репрезентативец погоди со глава во 64-тата минута и намали на 1:2, но до крајот Наполи не успеа да се спаси од пораз. Во финишот на средбата, повторно Елмас имаше шанса, но голманот на Спартак одбрани и не дозволи израмнување.

https://twitter.com/i/status/1463552404046028801

- Оглас -

Најнови вести