Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички, доживеа дебакл на гостувањето во „Јане Сандански“ на гости кај Феникс, во меч од 13. коло на домашното првенство. Феникс славеше со 102:51, што е историска победа за домаќините, но и историски дебакл за Работнички.
Ова е најтежок пораз на Работнички на гостински терен од формирањето на македонското првенство пред три децении. Гостите беа без четворица странци, па „децата“ на Работнички едноставно не можеа ни достојно да дадат отпор на мотивираниот ривал.
Само во првите 10 минути гостите даваа некаков отпор, па по првата четвртина беше 27:16, а на полувреме Феникс водеше со 45:27. Во третата четвртина Феникс го „згази“ ривалот и тие 10 минути ги доби со 34:12, па во последната четвртина влегоа со предност од 40 разлика (79:39).
Во последните 10 минути Феникс го задржа ритамот и на крајот успеа да стигне до двојно повеќе поени од Работнички (102:51), а 51 поени разлика е најтешкот пораз на гостински терен за најтрофејниот клуб во историјата на македонското првенство. Претходно Работнички на гости имаа губено со по 36 разлика од МЗТ Скопје Аеродорм и од Кожуф.
Сепак, Работнички се спаси барем да не го сруши нивниот апсолутен неславен рекорд за најтежок пораз, кој го имаат претрпено во својата сала „Градски парк“ и тоа од Фени Индустри. Во март 2010 година, кавадарчани славеа со 110:56, па тој пораз од 54 разлика, останува најтежок во историјата на Работнички.
Ова коло е историско и за тимот на Ангели кој ја запиша првата победа во елитното натпреварување. Во драматична завршница, Ангели на гости со 82:81 го победија вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром, додека на гости се радуваше и Гостивар кај Куманово, победувајќи со 96:84.