Семејството на несреќниот Нури ја повлече тужбата против Ајакс, се договорија за отштета од скоро 8 милиони евра

Семејството на несреќниот фудбалер на Ајакс, Абделхак Нури и клубот се договорија да го завршат процесот што трае веќе пет години, а отштетата што ќе ја плати најпознатиот холандски клуб е скоро 8 милиони евра.

Семејството на Нури ја повлече тужбата, а Ајакс попушти и ќе префрли точно 7.850.000 евра на нивната сметка.

Во 2017 година големиот талент на Ајакс, Абделхак Нури, доживеа срцев удар на пријателски меч во Австрија, а подоцна во истрагата се потврди дека поради несоодветен третман на медицинските лица на Ајакс, играчот претрпе и сериозни и трајни оштетувања на мозокот.

Потоа имаше судски тужби, преговори меѓу двете страни и конечно и договор што го објави самиот клуб Ајакс.

„Добро е што го завршивме овој дел од комплексниот случај со нашиот играч Нури и неговото семејство. Разбираме низ што проаѓаат и ниту една пара на светот не може да ја промени или ублажи болката. Ќе продолжиме да се грижиме за Абделхак и понатаму“, изјави Едвин ван дер Сар, кој е генерален менаџер на Ајакс.

Нури има 24 години, а кога се случи трагичниот настан, имаше 20 години и беше еден од најголемите холандски и таленти на Ајакс.

Клубот одлучи да го повлече дресот со број 34 што го носеше Нури и ниту еден играч понатаму ќе нема можност да игра со тој број на грбот.

 

- Оглас -

Најнови вести