Дејан Савичевиќ, некогашниот југословенски репрезентативец и ексфудбалер на Милан, изјави дека е против санкциите кои ги трпат руските спортисти поради воената акција на Русија врз Украина. Савичевиќ се присети на 1992 година, кога на некогашна СФР Југославија не ѝ беше дозволено да игра на Европското првенство. На местото на Југославија беше повикана Данска, која подоцна стана и европски првак.
„Спортистите не се виновни. Југославија тоа го доживеа во 1992 година. Не го бранам Путин, но јас на своја кожа имам почувствувано како спортистите страдале поради политички работи. Спортските настани секогаш биле порака за мир. Руските фудбалери немаат врска со одлуките на Путин, како што и ние немавме никаква врска со војната што беше во Југославија пред 30 години. Јас и уште многу добро познати фудбалери на италијанските простори, како што се Михајловиќ, Југовиќ, Мирковиќ, Ковачевиќ, Мијатовиќ, Милошевиќ, само поради политички причини ги пропуштивме Европските првенства во 1992 и 1996 година, како и Светското првенство во 1994 година“, изјави Савичевиќ за италијанскиот весник „Република“.