Шпанската „Марка“ објави сензационална вест и најавува дека Пеп Гвардиола е најсериозниот кандидат за нов селектор на Бразил по завршувањето на Мундијалот во Катар, односно по завршувањето на следната сезона.
Гвардиола никогаш не бил селектор на репрезентација, а најтрофејната светска фудбалска нација со пет пехари на Светските првенства никогаш немала селектор странец.
Актуелниот кормилар на Бразил, Тите, најави заминување по завршувањето на Мундијалот во Катар, а Кариоките, според „Марка“, сакаат да го ангажираат Гвардиола.
Му нудат 12 милиони евра годишна плата, што е речиси двојно помалку од тоа што моментно го добива во Манчестер сити, каде што е еден од најплатените тренери на планетата со годишни примања од 20 милиони евра.
Договорот му завршува во 2023 година, а досега 51-годишниот шпански стратег беше тренер само на три тима, Барселона, Баерн и сега во Манчестер сити.