Александар Јончевски е нов тренер на кошаркарскиот клуб Кожув од Гевгелија. Јончевски досега работеше како помошник на Марин Докузовски во Работнички, а член е на стручниот штаб и на репрезентацијата како еден од асистентите на Јорданчо Давитков.
Јончевски е последниот тренер кој на МЗТ Скопје му има донесено двојна круна на домашната сцена (во 2016 година), а сега се нафати да го води гевгелискиот тим, кој настапува и во регионалната Балканска лига.
Овој стратег со шампионско педигре во кариерата, кој го има водено и српскиот суперлигаш Спартак Суботица, на клупата на гевгелискиот прволигаш доаѓа на местото на Павле Николов, кој и во иднина ќе биде дел од стручниот тим во улога на асистент, а пријавен е и како службен претставник.
Амбициите на Кожув се влез во Суперлигата и обид за пласман во плејофот, а напредокот да продолжи во следната сезона, кога би се бореле за трофеи.