Полуфинале во Купот на Македонија: Струга ќе кроти опасни Лавови, Пелистер го мерка пехарот на Силекс

Полуфиналните дуели во Купот на Македонија ќе се играат денеска, од 16 часот во Струга, каде што гостуваат опасните Лавови на Македонија Ѓорче Петров и во Битола, каде што Пелистер го мерка пехарот на актуелниот освојувач Силекс.

Се игра само еден натпревар и денеска ќе бидат познати двата финалисти кои ќе играат за пехарот на 20 мај во Скопје, на арената „Тодор Проески“.

Струга се надева на првото клупско финале во Купот и за нив ова е меч за историја, но ривалот е опасен.

Македонија Ѓорче Петров е во извонредна серија од 14 натпревари без пораз, ги победи стружани како гостин во првенствен меч со 3:1 минатиот месец и Лавовите не знаат за неуспех во 2022 година.

Гостите од Скопје бијат битка за четвртото финале во Купот, а имаат и еден пехар, од 2006 година, кога ја победија Шкендија во драматично финале.

Пелистер има сезона што ќе сака побрзо да ја заборави бидејќи веќе испадна од Првата лига, а раните се лечат само со трофеј во купот.

Битолчани имаат два пехари во четири финалиња и ќе се обидат да го детронизираат Силекс, кој е актуелен бранител на пехарот.

Кратовци играат во Втората лига и лани во слична ситуација како Пелистер сега, откако испаднаа во понизок ранг, славеа во финалето во Купот.

Тие се најтрофејни од квартетот екипи што денеска од 16 часот ќе играат за финале и имаат три куп-титули во четири финалиња.

 

 

- Оглас -

Најнови вести