Точно пет години од несреќата: Главниот спасувач открива како Шумахер можел да не настрада

Освои седум титули во формула 1 шампионатот, уживаше во опасните предизвици и никој не веруваше дека може на скијачка патека да доживее толку тешка несреќа, која засекогаш ќе му го промени животот. На 29 декември пред точно пет години, легендарниот формула 1 возач Михаел Шумахер, настрада додека скијаше.

Популарниот Шуми изгубил контрола излетал од патеката и најпрво  удрил во една карпа, а потоа летнал три и пол метри во воздух, за да на 10 метри подоле, со главата удри во друга карпа. Тоа бил кобен удар. Според човекот кој ја водеше операцијата за спасување на легендарниот Ф1 возач на 29 декември 2013 година, Стефан Бозон, се можело да биде поинаку, доколку на патеката на францускиот центар за скијање, имало наврнато повеќе снег.

„Го видов каменот на кој налетал Михаел Шумахер, а потоа и каменот во кој удрил со главата. Претходните три дена немаше врнето многу снег и затоа камењата и карпите само малку биле прекриени со снег. Сепак, тоа било доволно да не се гледаат. Ако имало наврнато повеќе снег, Михаел само ќе поминел преку карпите и камењата“, вели Бозон.

Главниот спасувач се присетува на денот на кој било борба да се спаси животот на Шумахер.

„Често размислувам за таа несреќа. Посебно кога ќе ги видам камењата прекриени со снег на работ од местото за скијање. Не знам како е Михаел, но би сакал да слушнам добри вести за него“, додава Бозон.

Никој не знае како искусен скијач како Шумахер скршнал од патеката и преминал на необележениот дел каде и налетал на карпа. Од ударот, Шуми летнал три и пол метри во воздух, а потоа на 10 метри одалеченост удрил во друга карпа и тоа директно со главата. Од ударот, се скршила кацигата на Германецот.

„Веднаш повикав хеликоптер, бидејќи тешко беше на друг начин да се однесе во болница. Знаевме дека е нешто сериозно. Кога го најдоа, спасувачите не смееја ниту да го помрднат. Беше тешко да се транспортира, бидејќи падот беше на само осум метри од местото каде што се наоѓаа скијачите на патеката“, открива Бозон.

По внесувањето во хеликоптерот, Шумахер колабирал додека леталото било во воздух. Било решено хеликоптерот брзо да се приземји, а потоа и да биде транспортиран во болницата во Гренобл, која се наожала на 71 километри одалеченост. Таа болница е најголемата и најмодерната во Франција за трауми.

Сега, пет години по несреќата, малку се знае за состојбата на Шумахер. Според пишувањата, тој конечно станал од креветот, па дури и ја гледал Ф1 трката во Бразил. На 3 јануари, Шумахер ќе наполни 50 години.

- Оглас -

Најнови вести