Тотенхем оваа година чека некој трофеј

Екипата на Тотенхем секоја сезона игра се подобро и е во конкуренција со најдобрите екипи во Премиер лигата, во трка за трофејот. Сепак, кога ќе дојдат решавачките мечеви, Тотенхем ја губи кондицијата и силата, па затоа цели 10 години, нема пристигнато значаен трофеј во нивните витрини. Голманот Уго Љорис е уверен дека е дојдено време да се стави крај на постот и во 2019 година очекува освојување на некој трофеј.

„Ние работиме за освојување на трофеи. Знаеме дека во Премиерлигата има многу кандидати, квалитетни екипи со многу ѕвезди и затоа е толку интересно, а ние мора да го дадеме најдоброто од нас за да постигнеме успех. Во претходните години покажавме дека имаме квалитет. Од година во година ја намалуваме разликата во однос на најдобрите и ако така продолжиме, сакаме да освоиме и трофеј“, рече Љорис.

Првиот предизвик за Тотенхем во 2019 година е вечерва на гостувањето кај Кардиф во Премиер лигата. Тотенхем моментно е најдобриот лондонски тим на табелата и е на третото место со 45 бодови, два помалку од Манчестер сити, а дури девет од лидерот Ливерпул.

Последен пат Тотенхем се радуваше на пехар во 2008 година и тоа беше во Лига купот на Англија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести