Педесеттиот роденден на Михаел Шумахер беше повод денеска речиси сите тимови од Формула 1 да му честитаат на легендата и да му посакаат здравје и закрепнување, а семејството на Шуми објави и стотици писма во кои некои фанови напишале дека во минатото додека тој бил активен пилот на Ф1 го мразеле, но сега му посакуваат сè најдобро во животот.
Германецот пет години е надвор од јавниот живот откако ја повреди главата во тежок инцидент на скијање. Само семејството и тесен круг на луѓе знаат точно каква е состојбата на Шумахер бидејќи таква била желбата на самиот „црвен барон“. Лекувањето чини 1,5 милиони евра месечно, но најважно е што е жив, а според последните информации, и веќе не е неподвижен и легнат во кревет.
Шумахер има 7 титули првак во Формула 1, од кои две со Бенетон Рено во 1994 и 1995 и пет по ред со Ферари од 2000 до 2004 година. Со 91 победа, тој уште е на првото место на вечната листа, ги држи рекордите по број на извозени сезони, по бројот на победи на три патеки, а во 2002 на сите 17 трки во сезоната беше на подиум, меѓу најдобрите тројца, што исто така не му успеало на никој друг.
Последната трка ја возеше во Бразил во 2012 година, кога имаше 43 години. Тој се повлече во 2006, но по три години повторно се врати возејќи за Мерцедес.