Левандовски ја налути Белгија и Полска прими шест гола, Лалињата се расцутеа во Кардиф во последен момент (Видео)

Белгија ја победи Полска, а Холандија славеше во Кардиф против Велс во денешните два меча во четвртата група од Сегментот А во Лигата на нациите.

Роберт Левандовски ги казни утките на Црвените ѓаволи со гол во 28-мата минута и Полска поведе во Брисел со 1:0, но потоа следуваше голем пресврт.

Вицел израмни во финишот на првото полувреме, а победата на Белгија ѝ ја донесоа Кевин де Бројне со погодок во 59-тата минута, Леандро Тросар со два гола во 73-тата и во 80-тата минута, Дендонкер со погодок за 5:1 во 83-тата минута и Опенда за конечни 6:1.

Вториот гол на Тросар беше ремек-дело и можете да го погледнете ОВДЕ.

Холандија го победи Велс во Кардиф со 2:1, а Лалињата се расцутеа во последните моменти од мечот.

Вегхорст погоди за победа во 94-тата минута, откако претходно Копмајнерс им донесе водство на Холанѓаните во 50-тата минута, а за Велс израмни Норингтон-Дејвис во 92-рата минута.

Холандија го задржа врвот на табелата со шест бода по две кола. Белгија и Полска имаат по три, а Велс е без бодови и е аутсајдер во силната четврта група од Сегментот А во Лигата на нациите.

Украина во меч од Сегментот Б ја победи Република Ирска на гости со интересен гол на Циганков во 48-мата минута.

Само што влезе во игра, напаѓачот на Динамо Киев даде убав гол од слободен удар покрај заспаната одбрана на Ирците.

Голот на Циганков можете да го погледнете ОВДЕ.

Победа забележа и Шкотска со 2:0 против Ерменија во Сегментот Б, а стрелци со удари со глава беа Ралстон и Мекена во првото полувреме.

 

 

- Оглас -

Најнови вести