Поранешниот македонски репрезентативец Предраг Самарџиски, потпиша договор со МЗТ Скопје до крајот на оваа сезона. Искусниот центар се враќа во „јатото штркови“, откако ги бранеше боите на шесткраниот национален првак во сезоната 2014/15, кога и ја освои шампионската титула.
Тој во изминатите две сезони беше кошаркар на Мега Лекс, додека во „Јане Сандански“ доаѓа како слободен агент и се очекува да ја пополни празнината во рекетот поради подолгото отсуство на Љубомир Младеновски, кој веќе втор месец се рехабилитира по скршеницата на раката. Пред „металци“ е серија тешки натпревари, поради што од клубот се надеваат дека искуството на Самарџиски и тоа како ќе им помогне во играта под двата коша.
Самарџиски кариерата ја започна во Водњански лисици, а уште како тинејџер замина во Партизан. Играше и за ФМП, Црвена звезда, Литвос Ритас, Олин Едирне, Мерсин, ТЕД Анкара и Бујукчекмече. За репрезентацијата на Македонија првпат настапи во 2008 година, а последниот настап во жолто-црвениот дрес го забележа на ЕП 2015 година во Загреб.