ЦСКА брка европска тројка, Македонија Ѓ.П. сака да спречи бугарски хет-трик, се вмеша и УЕФА и го промени судијата

ЦСКА Софија е фаворит против Македонија Ѓорче Петров вечерва на реванш-дуелот од второто квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА, а дуелот уште непочнат има интересна приказна.

УЕФА во последен час го смени судијата Дејвид Кут од Англија и тој нема да суди на реваншот вечерва во Софија од 19 часот.

На стадионот „Бугарска армија“ правдата ќе ја дели Романецот Марсел Бирсан, а УЕФА не објасни зошто е направена измената.

ЦСКА има поголемо искуство од македонскиот претставник и сака хет-трик во Европа. Во минатите две сезони бугарскиот гигант играше во фаза по групи откако преклани играа во Лигата на Европа, а лани во Конференциската лига.

Македонија Ѓ.П. одигра солидно на првиот меч што заврши без голови и ќе се обиде да приреди изненадување во Софија, а има негативен биланс со бугарските екипи.

Лавовите од Ѓорче Петров ќе се обидат да спречат бугарски хет-трик во меѓусебните дуели во Европа.

Пред 16 години, Македонија Ѓорче Петров го загуби квалификацискиот двомеч со Локомотив Софија во квалификациите за тогашниот Куп на УЕФА, сега познат како Лига на Европа.

Во Скопје беше 1:1, а во Софија Локомотив победи со 1:0 и го елиминира македонскиот тим.

Една година подоцна, во 2007, ѓорчепетровци беа декласирани од Черно Море со 0:4 на домашен терен и со 0:3 на гости, па сега ќе бараат начин да ја сопрат елиминацијата од бугарските тимови во еврокуповите.

Ако Македонија Ѓ.П. ја елиминира ЦСКА, во следното коло ќе игра со победникот од двомечот меѓу Сент Патрикс и Мура.

Еден час подоцна во Скопје, Шкендија ќе ѝ биде домаќин на летонска Валмиера во реваншот од истото натпреварување, а тетовци имаат 2:1 од првиот меч и секоја победа и реми ги води во третото коло на мегдан на АИК од Шведска.

 

 

- Оглас -

Најнови вести