Шкендија со триумфот од 3-1 над Валмиера на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје го потврди пласманот во третото квалификациско коло во ЛК, каде што за противник го доби шведскиот АИК Стокхолм.
Тренерот на тетовци, Артим Шаќири, беше задоволен од победата, иако истакна дека неговиот тим може да игра уште подобро, а што се однесува до противникот, има добри спомени од неговата играчка кариера.
„Играчите си ја заслужија победата. Го остваривме зацртаното иако во неколку моменти не игравме најдобро што можеме. Не секогаш добар фудбал победува, сепак не изгледавме толку лошо. АИК го познавам од играчката кариера, имав прилика да играм против тој тим. Сеќавањата ми се позитивни, но сега ќе се сретнам како тренер. Ќе имаме респект кон противникот до моментот кога ќе се појавиме на теренот и ќе ја поминеме аут-линијата, потоа респектот ќе важи само кон нас. Познато ми е каков фудбал игра следниот наш ривал, но има време за подготовка за тие два дуели“, истакна Шаќири.
Првиот натпревар е предвиден за 4 август во Стокхолм, Шкендија пак доби шанса реваншот да го игра на домашен терен во Скопје една недела подоцна.