Црвена ѕвезда е на прагот од плејофот за пласман во групната фаза во Лигата на шампионите откако во првиот меч против Пјуник на стадионот „Рајко Мириќ“ убедливо со 5:0 го победи Пјуник од Ерменија.
Српскиот првак во текот на целиот меч доминираше, а петте погодоци треба да бидат добра резерва за мирен реванш и подготовки за следен двомеч, кој би бил последна пречка пред влез во групната фаза од Лигата на шампионите.
Иако Црвена ѕвезда немаше никакви проблеми против Пјуник, пред крајот на дуелот, „животот“ си го искомплицира левиот бек Милан Родиќ, кој само за 25 секунди успеа да добие два жолти картони, а со тоа да заработи и исклучување.
Се играше 89-тата минута, кога Родиќ од зад грб фаулираше еден гостински фудбалер во обид да спречи напад на Пјуник. Судијата за тоа му даде жолт картон, а само што продолжи играта, Родиќ повторно од зад грб, несмасно со копачката згазна еден противнички играч и тоа повторно беше знак судијата да му даде нов жолт картон, што автоматски значеше и исклучување.