Без изненадувања, отпаднаа по еден голман и пикер

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, го одреди списокот на кандидати за настап на дуелот со Јапонија на Светското првенство во Данска и Германија.

Шпанскиот стратег донесе очекувана одлука и од поширокиот список ги избриша пикерот на Металург, Милан Лазаревски, и голманот на Стразбур, Златко Даскаловски. Тие двајца од трибините ќе го гледаат минхенскиот меч.

Лазаревски влета во последен момент меѓу патниците за Минхен на местото на повредниот Димитар Димитриоски, додека, пак, Даскаловски беше трети голман во нашиот тим.

Дуелот со Јапонија се игра од 15.30 часот во „Олимпијахале“, а крајниот рок за пријавување на списокот беше утрово во 9 часот.

Ова значи дека 16-те ракометари кои ќе настапат попладнево се: Борко Ристоски, Никола Митревски, Дејан Манасков, Филип Лазаров, Филип Талевски, Филип Кузмановски, Филип Чурлевски, Горан Крстевски, Мартин Серафимов, Кире Лазаров, Мартин Поповски, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Велко Маркоски и Марио Танкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести